Блог

Очите кај лицата со Даунов Синдром

daunov-sindrom-dioptrija-sistina-oftalmologija

Дауновиот синдром претставува вишок генетски материјал од 21 хромозом и затоа се вика трисомија 21. Дваесет и првиот хромозом е најмалиот хромозом од сите, а вишокот од тие гени доведува до значајни промени во изгледот и функцијата на многу органи во телото.Од самиот изглед на очите кој е многу карактеристичен поради дополнителниот набор на капаците покрај носот (епикантален набор) и косата положба на очите од каде го добиле и името Монголоидно поставени очи.
 
Уште од самото раѓање, или во првиот месец по раѓањето многу често се јавува солзење на очите поради затворен солзно-носен канал, кое не дозволува солзите нормално да истекуваат кон носот. Најчесто таквата состојба е минлива, до крајот на првата година од животот и со соодветна масажа во регија на каналите од страна на родителите.
 
Поради неправилен раст на очите, почесто имаат рефракторни грешки: миопија, хиперопија и астигматизам (цилиндер). Многу е важен раниот преглед на видот, иако соработката може да е отежната. Ранaта корекција на рефракторните грешки спречува појава на амблиопија (или мрзливо око). Токму поради големата хиперопија која останува некорегирана, често се јавува и страбизам со кривење на очите навнатре. Тоа може да е и првиот знак дека постои некаква диоптрија која треба да се кореира.
 
Кератоконусот е почест кај младите со Даунов синдром. Се карактеризира со голема диоптрија во минус, често висок астигматизам и силна фотофобија (му пречи светло). Во понапреден стадиум кератоконусот може да предизвика и појава на бели дамки на рожницата кои се видливи со голо око. Младите со Даунов синдром, треба да отидат на скрининг за кератоконус на својата 15-та година. Методата на снимање е неинвазивна, безболна и лесна за изведување.
 
Вродената катаракта, исто така, спаѓа во многу честите наоди кај лицата со Даунов синдром.Речиси секогаш е вродена. Многу често не напредува, но важно е да се види рано колку влијае на гледањето или го попречува нормалниот развој на видот. Во случаите кога постои ризик од развој на амблиопија (мрзливо око), поради не гледање како последица на катарактата, пожелно е таа рано да се оперира.
 
„Систина Офталмологија“ сака да покаже дека сите можеме да го гледаме светот со исти очи и да видиме колку е шарен и убав. Двајца прекрасни момци – Никола Стојановски и Матеј Аларов дојдоа во нашата клиника да направат целосен скрининг.
 
Никола Стојановски, за своите 14 години е вистински шармер! На Никола спортувањето и физичката активност му се омилени, особено фудбал и кошарка. Танцувањето му е дел од секојдневието, а посебно валцер со неговата партнерка Илина. При прегледот во нашата клиника му беше констатирано мал страбизам, односно накривување на окото спрема носот – навнатре. Докторката му препорача да го лепи левото око, за да може да се регулира оваа состојба уште од рана возраст.
 
daunov-sindrom-sistina-oftalmologija
 
Tимот на „Систина Офталмологија“ има уште еден миленик, кој многу го засакавме. Тоа е Матеј Аларов. Матеј има 17 години и е одличен ученик во гимназијата „Георги Димитров“ во Скопје. Вистински пливач – на Специјалната олимпијата во Сарајево, Босна и Херцеговина се закити со сребрен медал за трето место. Од своја 3 годишна возраст има проблеми со видот и со текот на годините неговата диоптрија се зголемува и тоа му предизвикува проблеми при спортувањето. Дополнителен проблем е тоа што е сензитивен на светлина, па затоа докторката при прегледот му утврди дека треба да носи антирефлексни очила со диоптер – кои го заштитуваат окото од блесок и силната рефлексија и го подобруваат гледањето.
 
daunov-sindrom-sistina-oftalmologija
 
За среќа, многу од овие проблеми со очите може да се третираат, особено ако се откриени на рана возраст. Правилното дијагностицирање и третирање на проблемите со очите може да го подобри квалитетот на животот. Се препорачува првичниот детален офталмолошки преглед да биде направен до шест месечна возраст, понатаму контролите ќе бидат индивиуални зависно од наодот на прегледот.
 
Д-р Викторија Филева и д-р Фанка Гилевска, спец. офталмолог

Автор

Sorry, we couldn't find any posts. Please try a different search.

Scroll to Top