Блог

Кератоконус: многу почест отколку што знаеме

keratokonus-sistina-oftalmologija

Кератоконусот е прогресивна болест на рожницата која се манифестира со нејзино истенчување и испакнување во вид на конус. Како последица на ова испакнување, светлината неправилно се прекршува кога влегува во окото поради што се случува и изобличување на сликата.
 

Причини за појава

 
Причина за појава е мутација на гените одговорни за градбата на рожницата, со што таа е вродено слаба и склона кон деформации. Ваквата рожница, може да добие кератоконус ако е изложена на одредени фактори од средината кои би го поттикнале тоа (тригери). Фактори поттикнувачи се силното чешање на очите (механичко триење на рожницата), чести алерии, воспаленија, иритации од средината.
 
Новите истражувања даваат особено значење на хормоните во развојот на кератоконусот. Така, кортизолот (стрес хормон) се смета за еден од главните тригери во современото живеење. Исто така, балансот на естрогени и прогестерон во текот на бременоста може да предизвика брз напредок на болеста.
 

Симптоми

 
Првичните симптоми се отежнато фокусирање навечер, расејување на светлината околу светлосен извор во вид на халоа или ѕвезди. На дневна светлина пак, се јавува фотосензитивност или пречувствителност на светло. На  прегледите кај офталмолог може да се забележи брзиот раст на диоптријата и цилиндерот или промена на оската на цилиндерот. Оние што носат контактни леќи стануваат преосетливи на леќите, а понатаму и со било какво помагало (очила или леќи) не постигнуваат добар вид.
 
Во многу напреден стадиум на болеста, кога рожницата премногу ќе се истенчи, во неа може да се појават мали пукнатини, поради што се јавува и болка во очите и нагло заматување на видот.
 

Третман

 
Крослинкинг метода (corneal collagen cross-linking или CXL) е интервенција на окото, која се прави со цел да се сопре или успори понатамошната прогресија на болеста. Кај младите под 30 години се прави веднаш!
 
Методата се одвива на следниот начин:

  1. Се отстранува епителот (надворешниот заштитен слој на рожницата);
  2. Рибофлавин (витамин Б2) се капe на рожницата додека да се наполни целата ( како сунѓер)
  3. Сo ултравиолетово зрачење се зрачи рожницата додека да се активира рибофлавинот во неа.

Самата метода трае од 60 до 90 минути, се изведува по прецизно одреден протокол (Дрезденски протокол) за најдобри резултати.
 
Самата метода не е опасна по видот или по окото, може да се изведува и повеќе пати, но најчесто е потребен само еден crosslinking во животот зoшто неговите ефекти траат околу 20 години.
 
Студиите покажале дека кај 99% од пациентите, рожницата останува стабилна или има подобрување во однос на формата на конусот (зарамнување), што е многу значајно, зашто доведува до субјективно подобрување на видот, намалување на диоптријата со што помагалата (очила или леќи) стануваат попријатни и овозможуваат подобра корекција на видот. Crosslinking методата овозможува зачувување на рожницата кај лица со многу прогресивен кератоконус кој инаку може да доведе до губиток на видот, како и потреба од итна трансплантација на рожница.
 

Постоперативен третман

 
По интервенцијата, пациентите носат меки контакни леќи неколку денови, додека се обнови површинскиот слој на окото (епителот). Како терапија, користат топичен (капки во око) антибиотик и анти-инфламаторни капки околу 6 недели. Контролите се вршат на две недели заради мерење на интраокулатниот притисок и преглед на рожницата, зараснувањето,како и рибофлавинот во неа. Веќе  неколку дена по зафатот можат да се вратат на вообичаените работно животни обврски.
 
Ефектите од crosslinking-от во смисол на зацврстувањето и зарамнувањето на рожницата се појавуваат постепено, од денот на интервенцијата, во следните 6-8 месеци, па и година по зафатот. На денот на интервенцијата само се активира рибофлавинот (фотоактивна супстанца) која потоа со месеци создава хемиски цврсти врски во самата структура на рожницата. Затоа контролните пентаками се прават неколку месеци по зафатот.
 

Видна  острина

 
Она што најмногу ги интересира лицата со кератоконус е дали може да гледа добро и кога. Третманот на кератоконус е спор и потребно е трпение. На крај, откако сме постигнале цврста и зарамнета рожница со crosslinking методат и откако сме ја утврдиле стабилноста на болеста може да пристапиме кон корекција.
 
Секогаш прво се корегира видот со очила, зависно од диоптријата и висината на цилиндерот, на пациентот може да му предложиме контактни леќи: меки или РГП (полутврди гас пропустливи ). ROSE K се специјални леќи наменети за рожница со кератоконус. Со нив можеме да постигнеме одлична видна острина  кај лицата со кератоконус, така што самата болест да не е пречка дури ни во вршење на одредени специфични професии кои бараат прецизно гледање  (шофер, работник во фабрика или веб дизајнер).
 
Д-р Фанка Гилевска, спец. офталмолог

Scroll to Top