Logo

Наши услуги

Корекција на птоза (спуштен капак)

Птоза е медицински израз за спуштен капак. Пациент кој има птоза не е во можност во потполност да го отвори окото, бидејќи горниот капак ја покрива зеницата. Освен што е естетски проблем, исто така може да предизвика и функционални попречувања на видот и застој во развојот на видот кај децата, а кај возрасните им се оневозможува секојдневниот живот. Може да биде присутна уште при раѓање на детето, па затоа се вика вродена и настанува заради грешки во развојот додека е детето сеуште во мајчината утроба. Ако детето се роди со птоза која оневозможува нормaлно гледање, потребно е што најрана операција, бидејќи детското око нема да се развива и ќе остане слабовидно за цел живот.

Стекнатата птоза кај возрасните настанува како последица на повреди или дегенеративни старечки промени на мускулите и тетивите на капаците предизвикани со стареењето. Птозата се лечи хируршки, а постојат повеќе видови на операции. Изборот на интервенцијата зависи од врстата и степенот на птоза. Ако мускулот кој го подигнува капакот (levator palpebrae) има зачуван дел од функцијата, операцијата се изведува со негово скратување. Во случај, тој мускул да нема доволно зачувана функција, капакот со посебна постапка се врзува со мускулите на челото кои ја преземаат функцијата на капакот (т.н. brow suspension). Интервенцијата,корекција на птоза, се изведува под локална анестезија и пациентот си оди дома истиот ден и следи многу брзо опоравување. Иако процедурата кај децата е иста, потребно е да се направи под општа анестезија.