Logo

Новости

Во сабота, 10.03.2018, се одржа 13-от Конгрес на Хрватското друштво на катарактни и рефрактивни хирурзи во хотел „Шератон“ во Загреб подржан од нашата партнерска клиника „Свјетлост“ Загреб. Оваа година беше организиран еднодневен конгрес на кој беа претставени искуствата во досегашното работење, како и иновациите во областа на рефрактивната хирургија, катаракта, глауком, ретина и др. Присуствуваа 300 домашни и странски офталмолози.

Како минатата година, така и оваа, нашите офталмохирурзи д-р Златко Арнаудовски и д-р Билјана Костовска одлично ги презентираа резултатите од досегашните истражувања спроведени во „Систина Офталмологија“ во полето на катарактната и рефрактивната хирургија. Д-р Фанка Гилевска обрна повеќе внимание на искуствата со кератоконус во Македонија, додека д-р Викторија Филева го посочи нашиот начин на третман на окуларна траума со комбинирана операција на страбизам и кератопластика со примена на светските стандарди во тоа поле.

Дијагностицирањето и операции на страбизам се достапни во Македонија од 2015-та год., со отворањето на Одделот за рефрактивна хирургија, заедно со нашиот партнер клиниката „Свјетлост“, Загреб.

Во секцијата „Млади во офталмологија“ нашиот д-р Стефан Младеновски, кој моментално е на специјализација во клиника „Свјетлост“ во Загреб, имаше свое излагање на тема „Eylea во третман на хронична CSR“.

Иако се одвиваше само еден ден, конгресот имаше доста богата агенда. После првиот блок предавања, имаше пренос во живо на шест комплицирани операции изведени од шест хирурзи на клиниката „Свјетлост.“ Потоа следеа предавањата на претседателката на Европското друштво на рефрактивни и катарактни хирурзи, д-р Беатрис Кохенер и бившиот претседател на друштвото д-р Дејвид Спалтон.

Може да се каже дека едно од повпечатливите предавања беше на проф. д-р Никица Габриќ кој ја образложи причината „Зошто ги оперирав своите очи?“. Имено, професорот има направено ласерска корекција на диоптрија, а сега веќе по појавата на катаракта, има вградено интраокуларни леќи.

Паралелно со предавањата на конгресот, беше одржан и т.н „WET LAB“, односно операции на вештачки очи каде под менторство на искусните офталмохирурзи, младите офталмолози имаа шанса да вежбаат и учат за операцијата на катаракта.

Минатата година, во ноември, со нашиот партнер „Свјетлост“ Загреб, го организиравме нашиот II симпозиум „Новитети во офталмологијата“ на кој присуствуваа офталмолози, општи лекари, ендокринолози и специјализанти, бидејќи за подобрувањето на пристапот кон третманот на здравјето и очните болести во Македонија, потребен е интегрален пристап.