Slideshow Image 3
Slideshow Image 1
Slideshow Image 2
Slideshow Image 4
Slideshow Image 5
Slideshow Image 6
Slideshow Image 7
Slideshow Image 8
Slideshow Image 9
Slideshow Image 10

Болести на очите што се третираат во Систина Офталмологија

Катаракт (Cataractа)

Катарактот е честа очна болест, кај народот позната како старечко перде. Тоа е состојба во која постепено се губи проѕирноста на леќата, која пак е најважен оптички дел на окото. Таа ја губи еластичноста, јадрото склерозира и во зеницата се јавува сивкаст рефлекс. Со тоа леќата ја губи својата проѕирност, станува заматена и не овозможува фокусирање и јасно гледање на предметите.

Во најголем број случаи катарактот е поврзан со староста, но понекогаш е последица на повреда, наследен фактор, дијабетес, па дури и на употреба на некои лекови.

Потребно е заматената леќа хируршки да се замени со нова, вештачка леќа, која целосно ќе ја врши улогата на природната. Операцијата на катарактот е една од најчестите операции во светот и истовремено е една од најбезбедните, со над 90% успешност!

Одвојување на мрежницата во окото (Аblatio Retinae)

Одвојувањето на мрежницата во окото е заболување на окото кај кое мрежницата се одлепува од внатрешниот ѕид на очното јаболко. Почетното одвојување на мрежницата може да биде локализирано, но без брз хируршки третман може да се одвои целата мрежница, односно да дојде до губење на видот, сè до слепило.

Дијабетична ретинопатија (Diabetic Retinopathy)

Дијабетичната ретинопатија е заболување на мрежницата предизвикано од дијабетес тип 1 и тип 2, кај кое доаѓа до сериозно оштетување на видот, па дури и до слепило. Како последица на долготрајно зголемено ниво шеќер во крвта се оштетуваат крвните садови во мрежницата, доаѓа до појава на патолошка васкуларизација и на крвавења во внатрешноста на окото. Најтешка компликација е одлепувањето на ретината. Сè поголемиот број случаи со дијабетес низ светот ќе водат до зголемена преваленција на ова нарушување во иднина. Превентивното лекување претпоставува ласерски третман на оштетените крвни садови, додека компликациите се лекуваат хируршки.

Синдром на суво око (Dry Eye Syndrome)

Синдромот на суво око или ксерофталмија е состојба на недоволно лачење солзи. Солзите се неопходни за подмачкување, за прехрана, за одржување на здравјето и на оптичките функции на предната површина на окото, односно - за јасен вид.. Синдромот на суво око е вообичаен и често хроничен проблем, особено кај постарите лица, и се манифестира со упорна иритација, гребење или печење на очите, чувство на туѓо тело во очите и заматен вид. Напреднатиот симптом на суво око може да ја оштети предната површина на очите и сериозно да го замати видот.

Очни алергии (Eye Allergies)

Црвени, потечени и влажни очи, како и чувство на чешање на очите, се знак на алергиска реакција. Очните алергии главно вклучуваат конјунктивитис - воспалување на мембраната што ја покрива белката на окото. Најчеста причина за ова е поленот, особено во пролетниот период на цветање на растенијата.

Очни инфекции (Eye Infections)

Очите може да развијат инфекции од бактерии, габи или од вируси.

Симптомите на очни инфекции вклучуваат црвенило, чешање, оток, болка, но и проблеми со видот. Третманот зависи од причината на инфекцијата и може да вклучува облоги, капки за очи, масти или антибиотици.

Бидејќи некои инфекции може да предизвикаат сериозни оштетувања на видот, дури и слепило, важно е да се посети офталмолог заради точна дијагноза.

Одредени очни инфекции се поврзани со употребата на контактни леќи.

Дознајте повеќе за безбедната употреба на контактните леќи во Систина Офталмологија.

Глауком (Glaucoma)

Глаукомот, или покачен очен притисок, е релативно честа и тешка очна болест, кај народот позната како зелена мрена, спротивно на поимот сива мрена, со која се означува катарактот.

Причина за појавата на глауком е неможноста течноста во внатрешноста на окото да се одлева (дренира), со што задржувањето течност во окото води до пораст на очниот притисок. Симптомите на глаукомот се многу јака болка, која се шири околу окото и во слепоочниците сè до темето, имагинативни темни кругови при гледање во извор на светлина, намалена острина на видот, солзење и висок очен притисок.

Многу почесто за глаукомот не постојат никакви симптоми, освен дискретно и незабележливо стеснување на видното поле, сè додека болеста значително не напредне и не се намали видната острина. Поради тоа превентивно се препорачува редовна контрола на очниот притисок, еднаш годишно, кај лица постари од 60 години.

Дегенерација на макулата (Macular Degeneration)

Макуларната дегенерација е болест на централниот дел на мрежницата, од која се губи видот во центарот на видното поле. Оваа болест може да го отежни или да го оневозможи препознавањето на човечките лица, иако периферниот вид ги овозможува другите секојдневни активности.

Макуларната дегенерација е водечка причина за слепило кај луѓето постари од 65 години. Оваа состојба може да се лечи со ласерска фотокоагулација и со лекови што го запираат растот на крвните садови.

Кратковидност и далековидност (Myopia and Hyperopia)

Луѓето што се кратковидни јасно ги гледаат блиските предмети, но оддалечените ги гледаат заматено. Обратно, кај далековидноста, јасно се гледаат предметите што се подалеку, а заматено се гледаат поблиските предмети.

Офталмолозите најчесто ги регулираат кратковидноста и далековидноста со очила и со корективни контактни леќи.

Aстигматизам (лат. Astigmatismus)

Астигматизмот е последица на различна закривеност на предната површина на рожницата, т.е. светлината не се прекршува во сите меридијани еднакво. Во најголем број случаи тој е наследен или вроден, а се јавува и во текот на животот како последица на болест, повреда или на постоперативен зафат на рожницата.

Кај лицата со астигматизам наместо една фокусна линија постојат две, кои одговараат на главните прекршителни меридијани, така што предметите се гледаат деформирани по вертикала или по хоризонтала.

Се коригира со цилиндрични стакла или со контактни леќи.

Старечка далековидност (Presbyopia)

Presbyopia е здравствена состојба каде што окото прогресивно покажува намалена способност да се фокусира на објекти што се во близина. Се јавува кај постари лица и затоа е позната и како старечка далековидност. Слично како белата коса и брчките, presbyopia е симптом предизвикан од природниот тек на стареењето. Првите симптоми најчесто се забележуваат на возраст од 40-50 години, кога „рацете ви стануваат прекратки“ за доволно да го оддалечите весникот и да можете јасно да го прочитате.

Интервенции во случај на повреда

Во случај на повреди на очите при работа, спорт, сообраќајна незгода и сл. нашите доктори во Систина Офталмологија се тука за да интервенираат и да ги санираат повредите. Ви стоиме на располагање од 8 до 20 часот, од понеделник до сабота.